Забраната за воздушни и морски врски со Северна Македонија, Турција и Албанија е продолжена до 15 август, предмалку соопшти грчкиот заменик-министер за цивилна заштита, Никос Хардаљас, пренесе Катимерини.

Меѓу мерките кои што денеска ги соопшти Хардаљас е и продолжувањето на прекинот на авионските и морските поврзувања на Грција со Северна Македонија, Албанија и Турција, до 15 август 2020 година, како и одлуката што се однесува на копнените граници.

Одлуката за копнените врски (гранични пунктови за влез / негативен ПЦР тест не постар од 72 часа) и за негативен ПЦР-тест за оние што пристигнуваат со авион од Бугарија, Романија и Соединетите Држави, исто така, се продолжува до 15 август.

Хардаљас на вонредниот брифинг рекол и дека од 1 до 31 август задолжително е носењето маски во сите затворени простории, се забрануваат посети во домовите за стари лица и во болниците и се воведуваат ограничувања од 100 лица на свадби, крштевки, погреби во согласност со сите постојни здравствени правила.

Денеска во Грција се регистрирани 78 нови случаи на коронавирусот, од кои десет беа откриени на влезните точки во земјата. Во последните неколку часа се пријавени уште три смртни случаи, со што вкупната бројка достигна 206.


Напишете коментар