Грција ќе изгради повеќе од 1.000 центри за вакцинирање на граѓаните, додека ја чека најдобрата вакцина против коронавирусот, а планот е да се вакцинираат два милиони жители месечно, изјави денеска министерот за здравство Василис Кикилиас.

Молам за уште малку трпеливост, да издржиме заедно, обединети, рече Кикилиас.

Грција ќе добие одреден број вакцини според планот на Европската унија, а првите испораки треба да пристигнат на почетокот на 2021 година, објави владата.

Кикилиас тврди дека два милиони Грци ќе се вакцинираат месечно од моментот кога вакцините ќе започнат да пристигнуваат во земјата со 11 милиони жители.

Приоритет ќе имаат лекарите, медицинските сестри и медицинскиот персонал, како и лицата над 65 години, бидејќи здравствениот систем во таа земја е под огромен притисок, иако во тек е тринеделна блокада, која официјално завршува на крајот на ноември, рече Кикилијас.

Грција денес регистрираше 3.209 нови случаи на коронавирус и 60 смртни случаи.