Грција ги засили борбените сили на границата со Турција и предупреди дека Анкара, со која ги влоши своите односи поради резервите на енергенси во Источен Медитеран, може да ги искористи мигрантите за да изврши притисок врз ЕУ.

Грчкиот заменик министер за миграција Јоргос Кумуцакос во неделата предупреди дека Анкара може да ги искористи мигрантите за да изврши притисок врз Европската унија да не воведува санкции кон Турција во врска со спорот со Грција околу резервите на гас, за кои Атина смета дека се наоѓа во нејзината ексклузивна економска зона.

Подготвени сме и ќе одговориме како во март, рече Кумуцакос за новинската агенција Скаи.

Во март, турскиот претседател Таип Ердоган објави дека турската граница со Грција е отворена, по што илјадници мигранти дојдоа до неа со намера да влезат во Европската унија преку Грција.

Грција потоа распореди дополнителни безбедносни сили за да ги спречи мигрантите да ја преминуваат границата. Агенцијата за гранична контрола на ЕУ Фронтекс е исто така на грчко-турската граница.

Турција и Грција, обете членки на НАТО, имаат спор околу резервите на природен гас во Источен Медитеран, откако Турција на 10-ти август испрати брод за истражување на тие наоѓалишта, придружуван од воени бродови.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и се закани на Грција во телевизиското обраќање до јавноста во саботата: „Тие ќе разберат, или на јазикот на политиката или дипломатијата, или на теренот преку горчливи искуства“.


Напишете коментар