Според пишувањето на унгарскиот портал 24.hu поранешниот македонски премиер, а сега политички азилант во Унгарија, Никола Груевски, отворил сопствен бизнис со керамика во Унгарија.

На тој начин Груевски тргнува по стапките на македонскиот бизнисмен, Трифун Косровски, кој во врвот на својата финансиска моќ вложи свој капитал во Порцеланка во Велес.

Според пишувањето на порталот, компанијата со име  ИЦИЦ Кфт, Никола Груевски ја регистрирал во Пецел, а тоа е предградие на Будимпешта.

Како што пишува 24.hu фирмата е регистирирана на 15. јули, а како директор и основач на компанијата се јавува Никола Груевски.

Бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, се наведени како главни активности на фирмата, но фирмата според основачкиот акт ќе може да се занимава и со продажба на големо на порцелан, стаклени производи и производи за чистење.

Иако веќе три години Никола Груевски живее во Унгарија, тој ја дал скопската адреса како седиште, а адвокатот Каталин Хорнјик е регистриран како овластен правен застапник, пишува порталот.

Според пишувањето на Дојче веле на македонски, Груевски одлучил да не ја приложи личната адреса во Унгарија, туку ја навел адресата на неговиот адвокат во Будимпешта. Изворите кои ги констултирал Дојче веле во Унгарија објаснуваат дека Груевски сакал од безбедносни причини неговата домашна адреса во Унгарија да остане тајна. Но, во исто време, според пишувањето на овој портал, Груевски без проблем како втора адреса за комуникација да ја наведе адресата на која живееше во Скопје, а тоа е улицата Павел Шатев број 3 во Кисела Вода.

Според информациите на порталот Во Центар, Груевски не ја приложил адресата на живеење во Будимпешта, бидејќи се уште живее во хотел и е обезбедуван од унгарската разузнавачка служба. Груевски има на користење џип од корејско производство и секој ден џогира на островчето Маргарет на реката Дунав, кое се наоѓа меѓу Бидум и Пешта.