Американската компанија Мајкрософт обвини хакери од Русија, Кина и Иран за сајбер напади против вработени во изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп и неговиот ривал на претстојните избори, Џо Бајден.

Во последните неколку недели компанијата регистрираше сајбер напади против луѓе и организации вклучени во претстојните претседателски избори, вклучително и неуспешни напади врз луѓе од штабовите на Трамп и Бајден, се вели во соопштението на компанијата.

Според Мајкрософт, организацијата која делува под името Стромциум, која работи од Русија, стои позади нападите врз повеќе од 200 организации, како и седиштата на претседателски кандидати, невладини организации, партии и политички советници.

Според Мајкрософт, групацијата Циркониум е одговорна за нападите врз познати луѓе кои се поврзани со изборите и изборниот штаб на Бајден. Тука е и групата Фосфор, која работи од територијата на Иран, а која извршува сајбер напади врз личните налози поврзани со седиштето на Трамп.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео неодамна изјави дека Русија и Кина во иста мерка имаат намера да се мешаат во претседателските избори во САД што ќе се одржат на 3 ноември.

Разузнавачките служби соопштија дека пронашле докази дека Русија моментално се меша во изборите со цел да и наштети на кампањата на Џо Бајден. Тие проценуваат дека Кина и Иран претпочитаат да го поразат Трамп, но да не се мешаат толку многу во изборите како Русија.

Руската воена разузнавачка хакерска група „Fancy Bear“, која ги нападна демократите во 2016 година, сега е насочена кон советниците кои соработувале со републиканците и демократите, но и политички актери во Европа.

Повеќе актери се насочени кон организации поврзани со претстојните избори, но сепак ние сме најзагрижени за военото разузнавање на Русија, за кое веруваме дека претставува најголема закана за демократскиот процес, рече Џон Хултквист, висок директор на фирмата за сајбер безбедност FireEye.