Грчката полиција употреби солзавец и водени топови за да запре илјадници луѓе кои протестираа против владините политики и задолжителната вакцинација против ковид -19.

Властите соопштија дека демонстрантите во Солун со сигнални ракети пукаа кон полицајците кои им го попречија патот во обид да стигнат до зградата во која требаше да се обрати премиерот Киријакос Мицотакис.

Полицијата процени дека повеќе од 15.000 луѓе, вклучително и синдикатите, учествуваа на денешниот собир, на кој беше изразено незадоволство за голем број прашања, почнувајќи од економската политика на владата до одлуката за задолжителни вакцини против ковид-19, пренесува Ројтерс.

Протестите за вакцинацијата против ковид-19 започнаа во јули, откако владата најави задолжителна вакцинација на здравствените работници и персоналот во домовите за стари лица.

Властите сугерираа дека вакцините можат да станат задолжителни и за други работни групи, како што се просветните работници.

Грција суспендираше скоро 6.000 здравствени работници бидејќи го пропуштија рокот од 1 септември за да ја добијат барем првата вакцина, а претходно овој месец, на невакцинираните здравствени работници им беше понудена втора шанса за имунизација, со дозвола за оние што беа суспендирани да се вратат на работа.

Околу 5,7 милиони Грци, или 55 проценти од населението, се целосно вакцинирани против Ковид-19, а 59 проценти ја добиле првата доза, според најновите официјални податоци, додека земјата регистрираше 2.197 потврдени нови инфекции и 39 смртни случаи денес.