Десетици луѓе беа повредени во судирите во источен Ерусалим меѓу крајно десничарските еврејски активисти, Палестинците и израелската полиција.

Стотици ултранационалистички Евреи кои извикуваа „Смрт за Арапите“ им се спротивставија на палестинските демонстранти пред градските порти Дамаск, пренесува Би-Би-Си.

Палестинците ја обвинија полицијата дека се обидува да ги спречи во одржувањето на вообичаените вечерни собири на Рамазан пред портата Дамаск, историското обележје на стариот град во Ерусалим.

Полицијата, која се обидуваше да ги раздели двете групи, употреби шок бомби и солзавец против демонстрантите, од кои некои фрлаа камења и шишиња.

Голем број луѓе беа уапсени. Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека најмалку 100 Палестинци биле повредени, од кои 21 на кои им требало болничко лекување.

Портпарол на полицијата рече дека полицијата ќе дејствува против насилство и немири од сите видови.