Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, и поранешен косовски премиер, Рамуш Харадинај, изјави дека гласањето да биде формиран Специјалниот суд со седиште во странство е голема грешка.

Тој ги обвини поранешниот претседател Хашим Тачи и поранешниот претседател на ДПК, Кадри Весели, пренесува Газета Експрес.

Да, тоа беше грешка да се гласа за овој Суд. Во тоа време, јас и Алијансата не гласавме за тој предлог. Побаравме Судот за УЧК да може да функционира во Косово како и во секоја друга независна држава. Во исто време, судот да не биде етнички. Ние ги имавме само овие два приговори, изјави Харадинај за Орањуз.

Тој додаде дека „фактот што беше изгласан овој Суд беше навистина грешка во тоа време и од Тачи и од Весели и од ДПК, бидејќи тие се согласија да гласаат за таков суд што значеше директна недоверба во локалното судство, во државата Косово.

Харадинај смета дека „Косово можеше да изгласа да се формира ваков суд, кога тоа го побараа меѓународната заедница, сојузниците, Американците и Европејците“.

Првата грешка е што се откажавме од себе и од можноста да спроведеме фер судења за сите страни без оглед на етничката припадност, рече Харадинај.

Овие изјави на Харадинај доаѓаат пред продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Преговорите меѓу Белград и Приштина, под покровителство на Европската унија, ќе продолжат на 10 декември на техничко ниво, а ќе се дискутира и за имотните и финансиските побарувања. Мирослав Лајчак смета дека продолжувањето на дијалогот е „долг и со многу кривини“ пат кон сеопфатно решение, а експертите сметаат дека поради односите во Приштина, преговорите се забавени и без јасна перспектива.