Повеќето докази, имиња на жртви, сведоци и клучни факти во обвинението против командантите на ОВК во Хаг сè уште се „заклучени“, но врз основа на она што може да се прочита во документот објавен вчера на веб-страницата на Специјалниот суд, јасно се гледа суштината и обемот на злосторствата за кои се обвинети Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.

Сите локации на Косово се наведени индивидуално, како и две во северна Албанија, каде припадниците на ОВК брутално ги мачеле киднапираните и заробени Срби, „нелојалните“ Албанци, католици и други што ги сметале за противници на ОВК.

Според обвинителството, обвинетите се товарат за извршени систематски и големи злосторства помеѓу март 1998 и септември 1999 година, во кои беа убиени стотици невини цивили. Конкретно и поединечно се опишуваат злосторствата во илегалните затвори на ОВК во Ликовац, Јабланица, Лапушник, Волујко, Дреновац, Малишево, Бајгора, Лапаштица, Злаш, Приштина, Клечка, како и Цахан и Кукс во Албанија.

Апсења, притвори, сурово постапување и тортура и убиства честопати се вршеле врз основа на списоци на осомничени соработници или на друг начин сомнителни лица, кои редовно вклучувале лица од српска, ромска или ашкалска националност или лица за кои се смета дека имаат лични или професионални врски со српските власти или институции, се вели во обвинението.

Во обвинението се наведени одредени датуми, места и специфични случаи на сторени кривични дела.

Се наведува дека такви злосторства се случиле против најмалку 392 лица, од април 1998 година до август 1999 година.

Се истакнува дека притворениците во импровизирани затвори, честопати во штали, биле чувани во голем број на мал простор, дека спиеле на подот, во нехигиенски услови, дека биле тепани и малтретирани и дека претрпеле тешки повреди, скршени коски и заби и дека многумина поради силните болки ја губеле свеста. Овие дела честопати предизвикувале сериозни ментални и физички последици врз притворените цивили и дека страдањето на притворените и приведените претставува сериозен напад врз нивното човечко достоинство.

Во обвинението се наведува дека обвинетите здружени во злосторнички проект биле свесни за овие напади и биле свесни за фактот дека нивните постапки биле составен дел од тој напад.

ОВК имаше Генералштаб, беше поделена на оперативни зони и издаваше политички изјави и прокламации, во кои ги формулираше своите политички принципи. Најдоцна од април 1998 година и во целиот период на инкриминирање, припадниците на ОВК држеа места и објекти, кои долго време беа нивни бази и упоришта, каде беа затворани, злоупотребувани или убивани стотици противници.

ОВК имаше официјален портпарол, како и разни пишани правила и прописи, се вели во обвинението.

Обвинителот Смит тврди дека Тачи, Весели, Селими и Красниќи имале заедничка цел, помеѓу март 1998 година и септември 1999 година – да стекнат и да извршат контрола над целото Косово, меѓу другото, извршувајќи насилство врз оние што ги сметаат за свои противници.