Горан Пандев не може глава да крене од честитки, интервјуа и насловни страници, а и зошто би било поинаку кога ова што го направи е круна на неговата кариера која е за почит и каква што немал друг македонски фудбалер во историјата.

„Кога беа познати групите на Лигата на нации, знаевме дека имаме шанса да се пласираме на ЕП. Бевме најдобри во првата сезона од Д лигата пред Ерменија, Гибралтар и Лихтенштајн. Тогаш не чекаше полуфиналниот дуел со Косово. Тие се солидна репрезентација, но ние игравме на домашен терен и не ја пропуштивме можноста да се пласираме во финалето со 2:1. И Господ нè награди затоа што игравме добро во континуитет последната година и постигнавме добри резултати. Момците веруваа во успех, како и селекторот Ангеловски, кој заврши одлична работа за пет години. Игравме фантастично во Грузија и во второто полувреме требаше да постигнеме уште голови“, вели Пандев.

По пласманот во Ц лигата и обезбедениот плејоф, следуваа квалификации, а избраниците на Ангеловски завршија трети зад Полска и Австрија, а пред Словенија, Израел и Летонија.

„По многу години бевме трети во групната фаза. Одигравме солидни квалификации. Откако дојде селекторот Ангеловски, атмосферата во тимот е одлична, а неговите заслуги за тоа се огромни. Костурот на тимот беше ист, сменивме само тројца – четворица играчи. Бевме сложни како семејство и знаев дека резултатот ќе дојде. Клучот за пласман на ЕП беше континуитетот во работата во последните пет години, како и фактот што луѓето од ФФМ ни ги обезбедија сите услови за работа. Имаме млади играчи кои направија трансфери и играат во добри странски екипи. На тој начин се здобија со самодоверба и потребното искуство, што беше важно за нашата репрезентација. И кога одигравме и некои лоши натпревари, ги добивме, што значи дека тимот има квалитет “.