Поранешната американска државна секретарка и кандидат за претседател на САД, Хилари Клинтон објави дека разговарала со претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и се согласиле дека потребно е да се формира посебно истражно тело за утврдување на врските помеѓу Доналд Трамп и Русија.

„Конгресот мора да основа истражно тело како тоа за нападите на 11-ти септември за да се утврдат врските на Трамп со Путин, за да можеме да ја поправиме штетата по нашата национална безбедност и да спречиме марионета во иднина никогаш да не го заземе претседателското место“, порача Клинтон на Твитер.

Клинтон истакна дека Пелоси би била заинтересирана за објавување на снимки од телефонските разговори на Трамп за да се види дали бил на иста линија со Путин за време на нередите во Конгресот на 6-ти јануари.

„Би сакала да ги видиме снимките од неговите телефонски разговори, да видам дали разговарал со Путин на денот кога беше нападнат нашиот Капитол“, порача Клинтон.

Пелоси наводно рекла дека се залага за таква комисија и потсетила дека на претседателот му рекла дека за него „сите патишта водат до Путин“.