Претседателот на ВМРО ДПМНЕ објави дека бил цензуриран на Телевизија Телма. Како што објави на својот фејсбук профил, Мицкоски денес ( четврток ) требало да гостува на Телевизија Телма но гостувањето му било откажано.

Еве што напиша Мицкоски на својата страна на фејсбук:

Цензура како во најлошите времиња на комунистичките режими.

Утре требаше да гостувам на националната телевизија Телма. Бев известен дека уредништвото на телевизијата не е среќно да се чуе гласот на најголемата политичка партија. Гостувањето откажано.

Причините може да се претпостават. Ова е само приказ за еден брутален недемократски атак кој има функција да го прикрие стравот на Заев и власта и да ја замолкне опозицијата.

Три години измислуваат, констриураат, напаѓаат и лажат, а сега и ме цензурираат. Но тоа нема да ме спречи да продолжам да ја говорам вистината, да ги поддржувам новинарите кои ја сакаат вистината и да бидам на страна на народот.

Некој сака земја во која нема опозиција. Но нема да престане да има луѓе кои мислат со своја глава. Најголем доказ дека власта е изгубена, ранлива и дезориентирана.

Жалам, но не повеќе, напиша Мицкоски на фејсбук.

До овој момент ниту ТВ Телма, ниту главниот уредник на Телевизијата, ниту, пак, некој од новинарите на оваа национална Телевизија не се огласи по повод обвинувањето на лидерот на опозицијата.

Во текот на вечерна на социјалните мрежи беше објавено дека, наводно, Мицкоски имал договорено интервју со новинарката Оливера Трајковска, но тоа не е официјално потврдено.

Иако на твитер беше објавено дека во изминатиот период имало “закани” до некои новинари на оваа медиумска куќа од лидерот на опозицијата, тие наводи не беа поткрепени со конкретни докази и во овој момент можат да се третираат само како твитер шпекулации.

Барем досега во јавноста немаше ниту информации, а ниту индиции дека односите меѓу Телма и лидерот на опозицијата се нарушени. Напротив дел од новинарите, поточно новинарките на Телма беа главни промотори на аферата Рекет и важеа за блиски на Јордан Камчев кој важи за еден од најголемите поддржувачи, да не речеме финансисери, на лидерот на опозицијата.

Што се случи во меѓувреме ќе покажат наредните денови бидејќи за очекување е после ваквото обвинување на лидерот на опозицијата со свој став да се јави и ТВ Телма.

Но кога веќе лидерот на опозицијата говори за цензура би било добро да се објави информација колку пати во последните три години опозиционери кои не се дел од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ биле гости на медиумите кои се финансирани со унгарски пари? Дали се откажувани интервјуа на опозиционери? Дали се забранувани интервјуа на опозиционери на медиумите финансирани со унгарски пари? На крајот, дали постоеле листи на опозиционери и на членови на ВМРО ДПМНЕ кои не се во добри односи со Мицкоски кои не можеле да гостуваат на тие медиуми?