Албанија планира да набави шест мали американски беспилотни летала RQ-20B Puma и придружна опрема за извидување.

Порталот „Балкан безбедносна мрежа“ пишува дека станува збор за беспилотни летала што се лансираат „од рака“ и кои се користат за извидување во пешадијата, специјалните единици и морнарицата.

Сличен мал дрон, израелскиот Скајларк, го користат армиите на Хрватска, Унгарија и Македонија, пишува порталот, додавајќи дека Пума е летало на новата генерација со домет од 20 километри и е способен на висина од 150 метри да помине три часа.

Наведено е дека производителот на тие авиони, американската компанија „Аеровсјронмент“, испратило службено барање за склучување договор до Договорната команда на американската армија, која е одговорна за издавање лиценца за извоз на овој вид воена опрема.

Договорот предвидува албанската армија да набави шест беспилотни летала, три дигитални врски за пренесување информации, шест комплети резервни делови, седум комплети опрема за извидување и софтвер, како и двегодишен договор за логистичка поддршка.

Договорот се очекува да добие зелено светло од американските институции до крајот на годината, со рок на испорака до крајот на 2022 година.

Пума е создадена на барање на Командата за специјални операции на американската армија, но таа сега ја користи целата армија на САД, на копно и на море.

Исто така се користи од Велика Британија, Германија, Белгија, Латвија, Естонија и Египет, главно за специјални или мултинационални операции.


Напишете коментар