Илјадници противници на носењето заштитни маски и мерки за заштита од коронавирусите излегоа на улиците на неколку европски градови, а 300 лица беа приведени на митингот во Берлин по судирите меѓу приврзаниците на крајната десница и полицијата.

Министерот за внатрешни работи во Берлин, Андреас Гајсел изјави дека околу 200 лица биле приведени пред руската амбасада откако фрлале камења и шишиња кон полицајците, а повеќето подоцна биле ослободени. Никој не беше повреден.

Според властите, вкупно околу 38 000 луѓе учествувале, главно мирно, на митингот за време на кој организаторите повикале на прекинување на сите мерки против новиот коронавирус.

Во Лондон, илјада лица собрани на плоштадот Трафалгар повикаа на крај на „медицинската тиранија“, додека во Цирих повеќе од илјада собрани повика на „враќање на слободата“.

Во Париз, помеѓу 200 и 300 лица протестираа против обврската да носат заштитни маски. Парижанката Софи рече дека дошла да се бори за „слобода на избор“.

По барањата да се разотидат, учесниците во берлинската парада останаа во групата и извикуваа „Отпор“ и „Ние сме народ“, што се пароли на крајната десница.

Митингот, насловен како „Прослава на слободата и мирот“, на кој учествуваат активисти против вакцинација, теоретичари на заговор и симпатизери на крајната десница, беше втор голем митинг за еден месец што ги загрижува властите.

Собирот беше со многу мешан состав, од сите возрасти, вклучително и семејства со многу мали деца. Покрај германските имаше знамиња во боја на виножито, а демонстрантите постојано извикуваа „Меркел мора да си оди“.


Напишете коментар