Десетици илјади муслимани протестираа во Пакистан во врска со повторното објавување на карикатури на исламскиот пророк Мухамед во францускиот сатиричен весник Шарли Ебдо со извици „Смрт за Франција!“ и повикување на бојкот на француските производи.

На еден од транспарентите на демонстрантите стоеше: „Казната за богохулниците е обезглавување“.

Карикатурите на исламскиот пророк Мухамед предизвикаа гнев и немири во муслиманскиот свет во 2005 година кога за првпат беа објавени во данскиот весник Јуландс-Постен.

На почетокот на оваа недела, францускиот неделник Шарли Ебдо повторно објави карикатурите со кои го означи почетокот на судењето на исламистите кои ја нападнаа редакцијата на весникот во јануари 2015 година и убија 12 лица.

На првиот ден од судењето во средата, судот во Франција соопшти дека причината за нападот се контроверзните карикатури и дека напаѓачите сакале да се одмаздат за навредите на пророкот Мухамед.

Протестите во Пакистан беа организирани од исламистичката партија Техрик-е-Лаибак Пакистан (ТЛП) и се одржаа во најголемиот пакистански град Карачи, како и во Равалпинди, Пешавар, Лахоре и Дера Исмаил Кан.

Повторното објавување на карикатурите е голем тероризам; тие го повторуваат тоа богохулење против пророкот Мухамед на секои неколку години. Тоа треба да се запре”, рече Рази Хусани, локален лидер на ТЛП во Карачи.

Слични протести во 2015 година во Пакистан станаа насилни, со повеќе повредени лица во судирите со полицијата кога демонстрантите се обидоа да се пробијат до францускиот конзулат во Карачи.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *