Унгарската влада и Лекарската комора (МОК) се согласија значително да ги зголемат платите на лекарите, како знак на благодарност за досега сработеното и во време кога земјата се соочува со натамошно зголемување на случаите со коронавирус што може да го оптоварат здравствениот систем.

Во последните 24 часа, Унгарија пријави 1.086 нови случаи на заразени, што го зголеми вкупниот број на заразени на 29.717, и 812 смртни случаи.

Како и многу други источноевропски земји, Унгарија се соочува со недостиг на работна сила во здравството, бидејќи нивните плати се значително пониски во споредба со Западна Европа.

Претседателот на унгарската лекарска комора, Џула Кинчеш, рече дека владата го прифатила предлогот за нови плати за лекарите со што тие би добиле двојно поголема плата во споредба со сегашната.

Во зависност од долгогодишно искуство и стажот, лекарите ќе добијат од 700 000 до 800 000 форинти (околу 2.000 евра), додека постарите лекари ќе заработат повеќе од 7.000 евра, рече Кинчеш.

Зголемувањето на платите во здравствената заштита, за кое зборуваше Кинчеш, треба да започне во јануари и да се имплементира во системот на плати во рок од две години, така што до 2023 година, платите ќе го достигнат договореното ниво.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на Фејсбук изјави дека зголемувањето на платите на лекарите ќе биде предложено во парламентот во понеделник.

Нашите болници ќе бидат изложени на големи напори во следните седум до осум месеци, рече Орабан во видео објавата на Фејсбук.

Тој додаде дека вакцината против ковид-19 не се очекува пред втората половина на следната година.

Сега е вистинско време да ги зголемиме платите на нашите лекари, нагласи Орбан.