Иранскиот научник Мохсен Фахризаде е убиен од митралез со далечински управувач од далечина од 150 метри, објави новинската агенција Фарс, што е спротивно на претходните извештаи за вооружен напад од непознати лица врз неговите телохранители.

Агенцијата Фарс објави информација што доаѓа од непознат извор, во која се наведува дека главното безбедносно возило ја напуштило придружбата со цел да се подготви за пристигнувањето на Фахризаде во Абсард, кој е оддалечен 70 километри од Техеран.

Тогаш, според агенцијата, бил изрешетан автомобилот во кој биле Фахризаде и неговата сопруга. Научникот излегол од возилото затоа што сметал дека станува збор за сообраќајна несреќа или дека нешто не е во ред со моторот на возилото.

Митралез со далечински управувач, кој беше монтиран на возилото нисан, кое беше на 150 метри оддалеченост, пукаше кон научникот и го усмрти. Телохранител кој го чувал Фахризаде бил погоден неколку пати, а потоа нисанот експлодирал. Агенцијата наведува дека неидентификуваниот сопственик на нисанот ја напуштил земјата. Оваа информација од новинската агенција е во спротивност со нивните претходни извештаи.

Мохамед Ахвазе, ирански новинар кој живее во Лондон, рече дека нападот го извршила група добро обучени оперативци, кои логистички биле поддржани од тим од 50 лица кои се инфилтрирале во иранските безбедносни служби и ја прекинале струјата во областа каде што се случил нападот, со цел да се забави секој одговор на тоа.

Ахвазе ги цитираше информациите што протекоа од иранските владини претставници и елитната Револуционерна гарда, вклучително и информации дека напаѓачите знаеле точно каде ќе биде Фахризаде.

Напаѓачите ја пресретнале придружбата на Фехтизаде со автомобил „Хјундаи Санта Фе“ и четири мотоцикли. Откако автомобилот од придружбата поминал, напаѓачите го разнеле возилото нисан за да го блокираат возилото во кое се наоѓал научникот. Потоа тие отворија оган кон автомобилот на Фахризаде и безбедносното возило пред него.

Фарс објави и друг текст во кој се наведува дека очевидци потврдиле дека иранскиот научник бил нападнат од група вооружени мажи.

Високи ирански официјални лица го обвинија Израел дека стои зад убиството затоа што еврејската држава го обвини Фахризаде за водење програма за нуклеарно оружје. Израел сè уште не ги коментирал иранските обвинувања.