Во нападот на илјадници приврзаници на Доналд Трамп врз зградата на Американскиот конгрес на 6 јануари, за време на седницата по повод потврдата на изборната победа на Џо Бајден, од зградата на Конгресот излезнал лаптоп со чувствителни податоци, тврдат американските медиуми, поради што, како што се наведува, е загрозена националната безбедност.

Главниот сојузен обвинител за градот Вашингтон, Мајкл Шервин, во четвртокот зборуваше за големата кражба на Капитол Хил. Тој додаде дека останува да се утврди што е направено.

Ние мора да идентификуваме што е направено и да ги ублажиме последиците. Можно е да се загрози националната безбедност, рече Шервин.

Меѓу украдените предмети има и лаптоп кој веројатно содржи чувствителни информации за националната безбедност, објави CBS News.

Демонстрантите кои упаднаа во зградата на Конгресот влегоа во просториите на спикерот на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, и еден човек кој се претстави како репортер на „Блејз“ на Твитер сподели фотографија од еден од нејзините лаптопи.

Тој додаде дека на лаптопот била отворена електронската пошта, како и предупредувањато за „актуелната револуција“.

Лаптопот, наводно, и припаѓа на советничката за печатот на Ненси Полоси, Миа Еренберг.

За време на немирите, наводно бил извршен упад во канцеларијата на сенаторот од Орегон, Џеф Меркли, кој објави видео на Твитер за, како што рече, трага на уништувањето и грабежот. Тој тврди дека му бил украден лаптопот што бил на работната маса.

Според експертите за безбедност и шпионажа цитирани од „Базфид њуз“, демонстрантите можеби добиле многу чувствителни информации.

За време на хаосот што се појави во зградата на Конгресот, тие беа во можност да соберат материјал што противниците би можеле да го користат против американските интереси, тврдат експертите, иако тие признаваат дека е малку веројатно некој странски шпион да се инфилтрирал во Конгресот.

Како одговор на тековните извештаи, главниот административен службеник на Претставничкиот дом рече дека презел неколку активности за време на немирите за да ја заштити дигиталната инфраструктура на Конгресот, вклучително и издавање наредби за заклучување на компјутерите и лаптопите и прекинување на пристапот до мрежата.

Во тој момент немаше индиции дека мрежата на Претставничкиот дом е загрозена, изјави тој.