Израелските одбранбени сили, доцна синоќа или рано утрово, упаднаа во комплексот околу џамијата Ал Акса во Ерусалим, откако Хамас го ракетираше Тел Авив.

Претходно, Израел погоди една висококатница од 13 ката во Газа, поради сомневање дека милитантите на Хамас имале седишта во тој објект.

Инаку, џамијата Ал-Акса се смета за трето најсвето место во исламот, а Евреите исто така ја почитуваат Храмовата гора како нивно најсветото место, каде што беа изградени и двата библиски храма. Конечниот изглед местото го добило во 11 век.

Со оглед на заемно спротивставените присвојувања на Евреите и Муслиманите, тоа место се смета за едно од најконтроверзните верски места во светот. Тоа е под израелска власт од 1967 година, а Израел и палестинските власти тврдат дека имаат суверенитет над него, што е една од главните точки на арапско-израелскиот конфликт.

Муслиманскиот совет, познат како муслимански вакуф, управува со локалитетот. Израелската влада, исто така, спроведува контроверзна забрана за молитва за посетителите кои не се муслимани.

Како и многу делови на Ерусалим, сите три аврамовски религии, јудеизмот, христијанството и исламот, местото го сметаат за свет простор. Во него се наоѓал еврејски храм кој бил срушен од Римјаните по неуспешното востание, христијаните го почитуваат затоа што Исус често го посетувал, а исто така тоа е местото од каде муслиманите веруваат дека пророкот Мухамед се издигнал на небото.

Сè започнало во 10 век п.н.е., кога кралот Давид го освоил Ерусалим и го пренел главниот град на јудејското кралство од блискиот Хеброн. Таму започнал да го гради Првиот храм, кој го завршил неговиот син кралот Соломон во 957 година п.н.е.

Се веруваше дека Божјото присуство во физичкиот свет постои во таа зграда, а неговата централна просторија – во која се наоѓаше Ковчегот со десетте заповеди – беше толку света што само првосвештеникот имал дозвола да влезе, и тоа само на Денот на прочистувањето (Јом Кипар).

Местото стана уште поважно кога Јосија во 7 век п.н.е. ги сруши сите други места за богослужба и утврди дека Храмот е единственото соодветно место за принесување жртви на Бога.

На крајот на 7 и 6 век, Вавилонците го ограбиле Првиот храм, а десет години подоцна тој бил уништен. Евреите потоа ќе го изградат Вториот храм на истото место по вавилонското ропство. Во 169 година, царот Антиох IV Епифан ја ограбил Храмовата гора и ја уништил внатрешноста на храмот. Во текот на следните векови, освојувачите се менувале и секој на свој начин го уништувал или обновувал храмот.

Неколку децении по страдањето на Христос, кој токму од овој храм ги протера трговците, храмот ќе биде срушен од Римјаните.

Единствениот остаток од Вториот храм е Зидот на плачот, т.е. Западениот зид. Евреите веруваат дека еден ден ќе се изгради Третиот храм.

На ова место порано се наоѓале еврејски и христијански светилишта, а потоа била изградена и џамија. Тоа била Златната купола, една од најпрепознатливите градби, односно џамии во муслиманскиот свет. Изградбата на куполата започнала во 684 година, на местото на стариот еврејски храм, а во него има камен за кој Евреите веруваат дека бил жртвеник на Аврам за неговиот син Исак.

Конфликтите траат со денови во источен Ерусалим и на Западниот брег.

Во тој дел на Ерусалим, кој Израел го анектираше, повеќе од една недела траат судирите со припадниците на израелските сили во населбата Шеик Џарах .

Спорот во тој кварт се однесува на сопственоста на земјиштето на кое се изградени куќи на четири палестински семејства, на кои им се заканува иселување со цел еврејските доселеници да се преселат таму.


One thought on “Израелската војска влезе во џамијата Ал Акса: Се тресе Ерусалим! Зошто за тоа свето место со векови се водат војни?”
  1. […] Инаку, џамијата Ал-Акса се смета за трето најсвето место во исламот, а Евреите исто така ја почитуваат Храмовата гора како нивно најсветото место, каде што беа изградени и двата библиски храма. Конечниот изглед местото го добило во 11 век, објави vocentar.com.  […]

Comments are closed.