Израелското бомбардирање на складишта за оружје на Хамас и палестинските подземни тунели за снабдување се само некои од целите во последниот бран израелско-палестински судири. Најавениот, а потоа и негиран влез на израелските трупи во појасот Газа е уште една можна тактика на израелската армија, но и навестување дека стратегијата за „косење трева“ е сеуште актуелна.

Стратегијата позната како „косење трева“, која е стара најмалку една деценија, ја рефлектира претпоставката дека Израел е во долготраен нерешен конфликт со крајно непријателско опкружување.

Употребата на сила во тој контекст нема за цел да се постигне трајно решение, бидејќи се покажа дека е малку веројатно, туку да се ослаби способноста на непријателот да му наштети на Израел.

Стратегијата е настаната како одговор на неможноста за целосно предвидување на дејствијата на радикалните групи, каде што употребата на сила е само привремено спречување, а со тоа и привремено решение.

Затоа, Израел се одлучи за трпелива воена стратегија за исцрпување, наменета првенствено да ги уништи непријателските способности.

Оперативната метафора подразбира задача што мора редовно да се извршува и која нема крај – па оттука и името „косење трева“.

Застапниците на стратегијата сметаат дека Израел е во средина каде што нема трајно решение за безбедносните проблеми. Тие веруваат дека екстремистичките групи регрутираат постојано нови следбеници и дека единствено е можно привремено „одложување и спречување“.

Израел не се стреми кон победа или крај на конфликтот, со други зборови, нема решение, туку бесконечни периодични рафали на дисциплинирање.

Овој израз “косење трева” се одразува и во дипломатската сфера, каде израелските лидери се фокусираат на спречување на потенцијални заканувачки иницијативи, односно „управување со конфликтот“ а не со решавање на истиот.

Најновата ескалација на израелско-палестинскиот конфликт и сликата за рушење на цели згради во Газа, ракетирање на складишта за оружје на Хамас и уништување на подземни тунели преку кои Палестинците шверцуваат сè од Египет, од храна и лекови до оружје, се само некои од експлицитните примери на косење на тревата.

Критичарите сметаат дека стратегијата е контрапродуктивна и сметаат дека предизвикува уште поголем конфликт и насилство.

Од друга страна, крајната десница во Израел се залага за порадикални потези и повикува на освојување на целиот појас Газа.

Поддржувачите на копнената инвазија на Појасот Газа сметаат дека периодичното „косење трева“ не е долгорочна одржлива политика и дека единственото решение е „искоренување“ на опасноста.

Трајното решение, тврдат тие, бара демонтирање на Газа, хуманитарно преместување на неборбеното арапско население и проширување на израелскиот суверенитет над регионот.

Пристапот на Израел кон Палестинците сега е во клинч – помеѓу тактиката на косење трева, привремени успеси, но не и добиена војна и уште помрачна, подрастична алтернатива.