Повеќе од 300.000 авганистански деца се борат да преживеат во зимски услови без соодветна зимска облека и греење, објави британската добротворна организација „Спасете ги децата“.

Тековниот конфликт уништи многу домови и принуди илјадници деца да побараат засолниште во камповите, се вели во соопштението на непрофитната организација, додавајќи дека „ризикуваат глад, болести, вклучително и ковид-19, па дури и смрт од смрзнување“.

Крис Нјаманди, директор на локалната филијала на непрофитната организација „Спасете ги децата“ во Авганистан, рече дека раниот снег на северот на земјата имал особено разорно влијание врз децата.

„Најранливи се децата чии училишта се затворени поради влошување на временските услови. Нивните семејства немаат пари да им купат зимска облека и обувки, па затоа се принудени да останат во ладни куќи“.