Податоците од канцеларијата за разузнавање на американската влада покажуваат дека администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама знаела дека поранешната кандидатка за претседател на Демократската партија, Хилари Клинтон, се обидува да го поврзе Доналд Трамп со Русија и со тоа да го сврти вниманието на јавноста од скандалот околу контроверзните електронски пораки пред претседателските избори во 2016 година.

Директорот на канцеларијата Џон Ратклиф во вторникот писмено го извести Комитетот за правосудство на Сенатот дека претходната администрација ги доби руските разузнавачки податоци во јули 2016 година со обвиненија против Клинтон, но предупреди дека разузнавачката заедница „не знае колку се точни овие обвинувања, или во која мера „Анализата на руската разузнавачка служба може да рефлектира претерување или измислица“, објави „Фокс њуз“.

Писмото на Ретклиф не нуди детали за разузнавачки податоци, но открива дека ракописните белешки на поранешниот директор на ЦИА Џон Бренан покажуваат дека поранешниот претседател Обама бил информиран за тоа.

Според тврдењата на Ратклиф, разузнавачките информации вклучуваат „наводно одобрување на Хилари Клинтон на 26 јули 2016 година да се спроведе предлогот на еден нејзин советник за надворешна политика и да се посрамоти Доналд Трамп со предизвикување скандал што укажува на вмешаност на руската служба за безбедност“.

Политико објави дека Ник Мерил, портпарол на Хилари Клинтон, ги нарече овие обвинувања „неосновани“ и ги оцени на погрден начин.

“Ова е руска дезинформација“, твитна Ралчел Коен, портпаролка на потпретседателот на Сенатскиот разузнавачки одбор, Марк Ворнер.

Претседателот на сенатскиот правосуден одбор, Линдсеј Грејам рече дека ќе ги разгледа информациите, истакнувајќи дека Ратклиф ќе ги презентира во доверливо опкружување.

Оваа најнова информација што тој ја даде, покажува дека можеби имало двојни стандарди во ФБИ во врска со обвинувањата на сметка на кампањата на Хилари Клинтон и руската вмешаност, рече Грејам.