Само неколку часа пред планираното потпишување на договорот меѓу Белград и Приштина во Вашингтон, дошло до несогласување во делегацијата на Косово, тврди приштинскиот весник „Газета експрес“, наведувајќи дека Рамуш Харадинај му рекол на Авдулах Хоти дека треба да го отфрли договорот.

Харадинај, кој е член на владеачката коалиција во Приштина, врши притисок врз Хоти да не го потпишува планираниот договор, додава „Газета експрес“.

Американците, поради создадените тензии, се закануваат дека сите што се спротивставуваат на договорот ќе ја имаат Америка против нив, пренесуваат косовските медиуми.

Точка на раздор кај Албанците е езерото Газиводе, кое наводно се споменува во договорот.

Нешто подоцна, се огласи и Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај, наведувајќи дека не се согласува со една точка од договорот што треба да го потпишат делегациите на Белград и Приштина во Вашингтон во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп.

Газменд Сиља, од Алијансата, не прецизираше за која точка станува збор и што предвидува, но тој за приштинската „Коха“ рече дека партијата „нема да дозволи никој друг да управува со дел од територијата на Косово“.

Со оваа изјава Сиља ја дообјасни веста на „Газета експрес“ дека Харадинај врши притисок врз Хоти да не го потпишува договорот.

Ние не правиме притисок врз никого. Ние само сме посветени на одбраната на уставноста на Косово, тврди Сиља.

Денес беше објавено дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер, Авдулах Хоти, во Белата куќа ќе се сретнат со претседателот на САД, Доналд Трамп.

Според најавите, Трамп треба да присуствува на церемонијата на потпишување во собата на Рузвелт. Вучиќ и Хоти се очекува да ги потпишат економските договори во присуство на Трамп.

Потоа следува трилатерална средба во Овалната соба, во присуство на ограничен број новинари.

По средбата во Белата куќа, и Вучиќ и Хоти ќе се состанат индивидуално со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Стејт департментот.


Напишете коментар