Докторката Ши Женгли вели дека многу роднини на вирусот САРС-КоВ-2 циркулираат во природата.

Лилјаците во пограничните региони на јужна и југозападна Кина носат уште некои коронавируси кои веќе имаат способност да се шират на луѓето, рече истакнатиот кинески научник, пишува Гардијан.

Д-р Ши Женгли од Институтот за вирусологија во Вухан изјави дека овие вируси, вклучително и блиски роднини на вирусот САРС-КоВ-2, што го предизвикува Ковид-19, веројатно циркулираат во природата и надвор од Кина.

„Треба да ги бараме не само во Кина, туку и во земјите од Јужна Азија“, рече Ши, со прекар „Жена лиљак“, затоа што нејзиниот истражувачки тим ги проучува коронавирусите кај лилјаците.

Нејзините коментари, дадени на вебинар организиран од француски медицински и ветеринарни академии, доаѓаат во момент кога два меѓународни тима – едниот координиран од Светската здравствена организација и другиот основан од медицинското списание „Лансет“ – се подготвуваат да го испитаат потеклото на пандемијата, една година по нејзиното официјално започнување.

Но, овие напори станаа високо исполитизирани. САД и Кина меѓусебно се обвинуваат дека се извор на пандемијата сè додека нивната трговска војна е на граница на експлозија.

Други држави, вклучително и Индија, исто така се именувани како можни извори. Лабораторијата на д-р Ши е обвинета за предизвикување на случајно истекување на вирусот на почетокот на оваа година. Но, нема докази што го поткрепуваат обвинението, а самата д-р Ши силно ги негираше обвинувањата.

Важно е да се нагласи дека вирусологот не сугерираше дека Кина треба да биде исклучена од истрагата, туку само тие истраги да одат подалеку од Кина, што секако ќе се случи.

Се смета дека лилјаците се природен резервоар за вирусот САРС-КоВ-2, и иако таа рече дека вирусот најверојатно се проширил на друго животно пред да стигне до луѓето, тоа животно (среден домаќин) сè уште не е идентификувано.

Исто така е нејасно колку долго вирусот можеше да циркулира во тоа животно или кај луѓето пред да биде откриен кон крајот на минатата година: Ши рече дека вирусот можел да биде во еден или друг домаќин “многу долго време“.