Како викаат, ја натеравме мечката да излезе од пештерата. По анализата во последната емисија Во Центар, каде го анализиравме однесувањето на екс премиерот, екс лидер на СДСМ и екс претседателот на државата, Бранко Црвенковски, дека е непримерно такво однесување, да ги преспие сите клучни настани во државата, а оваа држава, како и граѓаните на Македонија го избрале да биде премиер ( осум години) и претседател на државата (пет години), Бранко Црвенковски или личноста со иницијали БЦ реши да се појави во јавноста.

Како што објавија медиумите, сега нема да се дружи со оние метузелеми како што се Филип Вујановиќ, Јадранка Косор и друштво слично на тоа, туку на почетокот на наредната недела ќе земел учество на научниот собир кој го организира МАНУ на тема-Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година.

И на тој собир во МАНУ, Црвенковски ќе се дружи со Ѓорѓи Иванов и Стево Пендаровски. И на крај секој си го одбира друштвото што му осговара. Црвенковски одбра да се дружи со Иванов, за кого имаше исклучително лошо мислење, но една недела пред тоа не се појави на трибината во владата на тема-Патот на Македонија во независноста, каде беа неговиот клучен министер, Љубомир Фрчкоски, Љубчо Георгиевски со кого правеа коалиција да рушат Груевски, Заев кој е негов наследник на чело на СДСМ, но ете сите се тие, условно речено, недостојни за друштвото на БЦ, ама Ѓорѓе Иванов е достоен!?

Каков е тоа неславен крај на една голема кариера, да те нема во јавноста со години и да се појавиш на собир со Ѓорѓе Иванов, една десетгодишна дупка во македонската политика која ја пополни со “политичко муцање” и со (за жал) “намерно” недокажана улога во настаните поврзани со 27 април и срамната аболиција на споменатите во бомбите и во Вистината за Македонија.

Црвенковски тогаш со индигнација одби да биде аболиран од Иванов, но сега Бранко ќе се дружи со Ѓорѓе. Да повториме, на крајот секој сам си го одбира друштвото во кое сака да биде.