Алексеј Навални, кого западните медиуми го прогласија за најголем противник на власта предводена од Владимир Путин, се појави пред судот за прв пат по штрајкот со глад.

Рускиот опозициски лидер издржува затворска казна во траење од две и пол години за кршење на условна казна заснована на претходната пресуда за која тој и Европскиот суд за човекови права велат дека била политички мотивирана. Судот одлучи дека тој ја прекршил условната казна затоа што тој не се јавувал редовно во судот додека бил во германската болница за лекување од труење со новичок, од кој за малку ќе умреше.

На своето прво појавување по штрајкот со глад, избричениот Навални изгледаше истоштено и исцпено или како страшен скелет, како што рече.

Штрајкот со глад Навални го започна на 31 март, за време на неговиот престој во затвор, барајќи соодветна медицинска нега за болки во нозете и грбот. На 23 април тој објави дека го прекинува штрајкот, кој траеше цели 24 дена.

Сакам да ви кажам, драг мој судија, дека твојот крал е гол, рече Навални пред судот преку видео врска.

Потрошивме милијарди руби, а нашата земја и понатаму тоне во сиромаштија. Не е изненадување што економистите и понатаму пишуваат писма и велат дека последните неколку години може да се наречат изгубена деценија. Дваесет години неспособно владеење доведоа до овој резултат: круната која паѓа од главата (на Путин) и лагите на телевизија, продолжи Навални.

Јулијаша, ако можеш да ме слушнеш, стани за секунда, ќе те погледнам. О, имаш маска. Тие вчера ме однесоа во бањата (руска сауна) за да изгледам подобро денес. Се погледнав себеси, јас сум страшен скелет. Во ужасна состојба сум, како да сум седмо одделение. Ако се соблечам, изгледам уште полошо. Вчера изедов четири лажици каша, денес ќе јадам иста количина , утре ќе јадам шест лажици. Го чекам денот кога ќе изедам 10 лажици каша, тоа ќе биде огромно подобрување, рече Навални за неговата состојба по штрајкот со глад.

Во меѓувреме, рускиот суд ја забрани работата на неговата организација.