Kовачевски – Вучиќ: Евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е од политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид го пречека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, при што посакувајќи му добредојде и успешни разговори, ја потврди важноста која земјава ја придава на одржувањето на овој состанок на високо ниво меѓу Белград и Приштина посветен на нормализација на односите.

Како што соопшти владината Прес-служба, Ковачевски го поздрави учеството на Србија на разговорите во Охрид и изрази задоволство дека со посредство на Европската Унија се овозможува отворен дијалог кој е од голема важност за регионалната стабилност и безбедност, а кои ќе се чекор напред кон европскиот пат на регионот.

– Северна Македонија е токму пример за земја која сите отворени прашања со соседите ги решава на мирен и демократски начин, преку дијалог, со цел напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните. Преку решителни чекори Северна Македонија обезбеди пред сѐ безбедност и континуиран развој, и од заробена и изолирана држава, денес е фактор на стабилност во регионот, со развиени и негувани добрососедски односи, се наведува во соопштението.

Двајцата соговрници се согласија дека мирот не само во двете земји туку и во целиот регион е важен, а дијалогот е битен за подобрување на односите.

– Ковачевски и Вучиќ потенцираа дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е од политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, се додава во соопштението.