Натписот над лентата е јасен – секој разговор за коронавирусот и сè што е поврзано со него е строго забрането.

Менаџерот на мал бар во римско предградие сака да им даде на своите гости пауза од глобалната пандемија и да уживаат во кафето.

„Веќе со месеци се зборува само за тоа, па затоа решивме да ја разубавиме атмосферата“, вели Кристина Матиоли, менаџер на барот со соодветно име „Feeling“.

Италија беше првата европска земја погодена од пандемијата и претрпе најдолг и најстрог карантин. По неколку пријатни летни недели, кога животот речиси се врати во нормала, пандемијата повторно доминира во сè.

„Не станува збор за состојба на негирање или неразбирање за она што нè опкружува, но ние едноставно сакаме да направиме пауза“, рече Матиоли.

Повеќето од гостите реагираа позитивно на забраната.

„Заситени сме од ковид, не можеме повеќе да издржиме, каде и да одиме, само зборуваат за тоа. Среќна сум што можам да зборувам за што било друго “, вели еден редовен гостин во кафулето.