Вкупно 148 мигранти вчера биле пронајдени во две одвоени полициски акции спроведени на подрачјето на Демир Капија и на Липково со цел да се спречи шверцот на мигранти. МВР соопшти дека се уапсени две лица, а пронашла 103 мигранти вчера во близина на Прждевски споменик, Демир Капија. Прво било сопрено „Ауди“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.К.(35) од Скопје, а веднаш по него и товарно возило „Mерцедес“, со битолски регистарски ознаки.

-Возачот на товарното возило, А.М.(37) од Липково се дал во бегство, но по кратко бил пронајден. Во товарното возило биле пронајдени 103 мигранти од Пакистан, Авганистан, Индија, Египет, Иран и Сирија. Двајцата осомничени биле приведени во полициската станица Неготино за понатамошна постапка, информираат од МВР.

Известен бил Јавен обвинител, а мигрантите се сместени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ Гевгелија за понатамошна постапка.

Во вториот случај, вчера во Полициската станица за граничен надзор Сопот било пријавено дека на место викано „Врело“ во с.Ваксинце, Липково, било затекнато товарно возило „Ивеко дејли“, со скопски регистарски ознаки.

-Со возилото управувало непознато лице, кое се дало во бегство, а во возилото биле пронајдени 45 лица мигранти од Сирија, Бангладеш, Сомалија, Пакистан и Палестина, соопшти МВР.


Напишете коментар