На денешен ден во 2001 година, членовите на Ал-Каеда киднапираа четири американски авиони и извршија истовремен напад врз неколку цели во САД.

Два од авионите удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк, популарните „Близначки“. Третиот авион удри во Пентагон кај Вашингтон, а четвртиот се урна во Пенсилванија откако патниците им се спротивставија на киднаперите.

Скоро десет години подоцна, на 2 мај 2011 година, американските сили го убија водачот на ал-Каеда Осама бин Ладен во Пакистан во операција одобрена од тогашниот американски претседател Барак Обама. Сепак, Бин Ладен беше погубен, но неговото дело длабоко го промени светот.

Нападите од 11 септември го означија почетокот на бранот на воени интервенции на САД и генерираа низа конфликти на Блискиот исток. Тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш објави „војна против тероризмот“ само неколку дена по нападот.

За помалку од еден месец по настаните од 11 септември, Американските трупи го нападнаа Авганистан во обид да ја растурат Ал Каеда, терористичка група која презеде одговорност за нападите и да ја сменат талибанската власт што ги поддржуваше.

Две години подоцна, во март 2003 година, САД го нападнаа Ирак и го симнаа од власт претседателот Садам Хусеин. Иако тој не беше директно вклучен во терористичките напади, Хусеин беше обвинет за производство на оружје за масовно уништување. Инвазијата беше клучен дел од новоформираната американска војна против тероризмот, предводена од претседателот Џорџ В. Буш.

Наместо воспоставување демократија и мир, Ирак денес, 19 години по нападот, е нестабилна држава, измачувана со долгогодишни војни меѓу локалните религиозни групи и стана плодна почва за развој на разни милитантни исламистички групи, од кои најопасна е ИСИЛ.

Безбедносните мерки воведени по 11 септември веројатно спречија или обесхрабрија голем број нови терористички напади на територијата на САД. Но, во тој процес, светот се соочи со „бесконечна“ војна против тероризмот.

Иако во остатокот од светот мерките не беа толку ригорозни како во Соединетите држави, тие, секако, во име на борбата против тероризмот, доведоа до значително поголеми овластувања на безбедносните служби и построг надзор на граѓаните, особено на сомнителните лица.

Кулите на Светскиот трговски центар се срушија за два часа по ударот на авионот, при што загинаа 2.606 лица, вклучувајќи 343 пожарникари и 60 полицајци.

Уште 125 лица загинаа во нападот на Пентагон. Загинаа и сите луѓе во сите четири авиони или вкупно 265, вклучувајќи ги и 19 киднапери. Вкупно починаа 2.983 лица. Жртвите биле државјани на вкупно 77 земји.