Поминаа 24 часа откако непознато лице доставило околу 4.000 наводни досиеја на Специјалниот суд за воени злосторства на ОВК, вклучувајќи и изјави на сведоците, до Организацијата на ветераните на ОВК, но се уште не е познато дали овие документи се автентични, кој ги донел во канцеларијата во Приштина и зошто!?

Во просториите на Организацијата која ги собира поранешните припадници на УЧК во текот на попладнево се водеа две истраги: Едната од Одделот за сериозни злосторства на косовската полиција, а втората од истражителите на Специјалниот суд, пренесува РТС.

И на едните и на другите им биле дадени копии од добиените документи, изјави за приштинските медиуми Фатон Кљинаку, секретарот на организацијата на ветерани на поранешната ОВК.

Претседателот на таа организација, Хисни Гуцати, изјави дека пакетот им бил доставен вчера и дека не го познаваат лицето со капа, очила и маска што ги донело документите.

Документацијата од сведочењето пред истражителите на Специјалниот суд падна во рацете на ветераните на ОВК во време кога се очекуваше да бидат обелоденети првите обвиненија.

Во февруари, Обвинителството објави дека се покренати обвиненија против Хашим Тачи и Кадри Весели, кои се обвинети за убиство на повеќе од 100 лица. Откривањето на постоењето на овие обвиненија беше објаснето со притисок врз сведоците на суд.

Според обвинувањата, Тачи и Весели спровеле тајна кампања со цел да го укинат законот со кој е формиран Специјализираниот суд, како и да ја попречат работата на судот на друг начин, а се со цел да не бидат изведени пред лицето на правдата.

Во пакетот има околу четири илјади досиеја на Специјалниот суд, рече Гуцати.

Неговиот заменик Насим Харадинај објасни дека станува збор за досиејата на сведоците на судот.

Тој посочи дека документите содржат факти за воени злосторства на Косово, па дури и имиња на заштитени сведоци кои го документирале она што го виделе пред обвинителите.

Адвокатот Артан Чекерини рече дека Организацијата на воени ветерани не е адреса на која треба да и се испраќа каков било документ од овој вид, бидејќи таа не е предмет на истрага.

Останува да видиме како ќе се реши ова прашање, бидејќи е сериозно, вели тој.

Организацијата на ветерани на ОВК ќе ги достави овие докази до Специјализираното обвинителство, но веруваме дека ќе добиеме брз одговор од таа канцеларија за тоа како овие таканаречени докази може да излезат од Специјализираното обвинителство или Судот. Тие имаат обврска да дадат објаснување за тоа како се случило, рече Чекерини.

Тој додаде дека не може да се изјасни за нивната автентичност.

Чекерини изјави дека доколку овие документи излегле во јавноста од Специјалниот суд, тогаш кредибилитетот на судот ќе биде сериозно нарушен, а доколку судот ги прекршил прописите што ги издал, нема сомнение дека судот не е веродостоен во постапувањето со случаи од овој профил.

Од организацијата на ветерани од ОВК велат дека во пакетот добиле и писмо во кое се вели дека во наредните денови ќе пристигнат уште седум илјади досиеја.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *