Балканскиот картел е криминална организација во која членуваат припадници на поранешната заедничка држава. Тоа се претежно државјани на Црна Гора, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и некои други земји во Југоисточна Европа. Нивната основна дејност е шверц на дрога, особено кокаин од Јужна Америка за европскиот илегален пазар на дрога и активности поврзани со перење пари.

Според најновите податоци на организацијата за борба против дрогата, со седиште во Виена, земјите од Јужна Америка произведуваат над 2.000 тони кокаин и голема количина завршува на европскиот пазар. Патиштата одат директно од Јужна Америка до пристаништата за влез во Европа кои лоцирани во Шпанија, Белгија или Холандија.

Сите респектабилните светски тела што се занимаваат со ова прашање бележат голем пораст на производството на кокаин во три јужноамерикански земји: Перу, Боливија и најмногу Колумбија, каде производството скокна за 140 проценти во последните неколку години.

Во Шпанија има зголемено присуство на припадници на криминални групи од Источна Европа, како што се Албанија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина, соопшти шпанската цивилна гарда откако запре едрилица со тројца хрватски државјани каде што пронашле еден тон кокаин.

Криминалните групи од споменатите земји се наоѓаат главно во стратешките зони за патување преку Атлантскиот океан, како што се Канарските острови, северната провинција Галиција и јужниот брег на Шпанија. Групите кои работат таму се одговорни за голем дел од увозот на кокаин во Европа, се вели во соопштението на Цивилната гарда објавено на нивната веб-страница.

Во вторникот наутро, Цивилната гарда пресретна хрватска едрилица на оддалеченост од 88 милји западно од островот Ла Палма, кој е шпански остров крај западниот брег на Африка. Едрилицата пловеше под хрватското знаме, а екипажот се состоеше од тројца хрватски државјани.

По претресот, а под сомнение за шверц на дрога, едрилицата била донесена на островот. При пребарувањето на едрилицата биле пронајдени 980 пакети со околу еден тон кокаин, соопшти Цивилната гарда, проценувајќи дека вредноста на кокаинот на црниот пазар изнесува 40 милиони евра.

Цивилната гарда соопшти дека едрилицата во фебруари испловила од Дубровник кон Црна Гора, а потоа стигнала до шпанскиот брег каде што била забележана во јужното пристаниште Алмерија. Тајно ја следеле по пристигнувањето на Канарскиот остров Ланзароте, каде биле идентификувани членовите на екипажот. Потоа имале намера да се упатат кон карипските острови во Централна Америка. Во април, едрилицата беше забележан на островите Барбадос и Мартиник.

Поради пандемијата со коронавирус, едрилицата се најде под санитарни контроли и инспекции во пристаништата на Карибите, па во такви околности екипажот не можеше да ја натовари дрогата. Затоа во јуни се вратија на Канарскиот остров Ланзароте. Тројцата членови на екипажот се разделија и отидоа во различни делови на Европа и повторно се состанаа во Ланзароте во август. Полицијата продолжи тајно да ги следи.

Едрилицата била пријавена дека ќе патува за Бразил, но ја напуштила таа рута и тргнала кон африканскиот брег во Гвинејскиот Залив. Потоа тргнала назад кон север, што ја навело полицијата да заклучи дека во меѓувреме на едрилицата била натоварена дрога на отворено море, во меѓународните води. Едрилицата продолжила да плови кон Канарските острови. Во близината на островот Ла Палма, шпанската цивилна гарда ја запрела едрилицата и во неа пронашла еден тон кокаин.