Енкориџ, главниот аеродром во Алјаска, можеби нема луксуз како оној на аеродромите во Сингапур или Чикаго, но овој мал аеродром на речиси еднаква оддалеченост од Њујорк и Токио во последно време неочекувано доби голема важност.

Сега тоа е најпрометниот аеродром во светот, барем во некои саботи.

„Сабота е фреквентен ден поради товарниот сообраќај. Од него најмногу зависиме, но сабота е исто така и најслаб ден кога станува збор за патнички летови”, изјави директорот на аеродромот, Џим Шчеснијак за Си-ен-ен.

„Така, на пример, во сабота, на 2 мај, имавме 744 летови. Чикаго имал 579 во истиот ден, а Атланта 529. Енкориџ исто така привремено ја презеде титулата на најпрометен аеродром во светот на 25 април“.

Според Здружението на меѓународни аеродроми, кое годишно објавува извештај за најпрометните аеродроми во светот, патничкиот сообраќај опаднал за повеќе од 90% поради пандемијата на коронавирус.

Сепак, товарниот сообраќај е зголемен и тоа е причината зошто Енкориџ има толку многу летови. Во нормални времиња, аеродромот е петтиот најпрометен аеродром кога станува збор за товарен сообраќај.

„Забележавме голема побарувачка за капацитетот на носивост. Ова е така затоа што во Азија се произведуваат многу од средствата потребни за борба против пандемијата“, вели Шчеснијак.


Напишете коментар