Полека излегуваат во јавноста многу работи од поблиското или подалечното минато на видни личности од овие наши простори.

Некои работи може да каже дека се очекувани, но има и многу работи за кои никој или барем малкумина биле информирани, а тие сепак се случиле.

Една од тие работи се средбите на неодамна починатиот митрополит Амфилохије и сопругата на југословенскиот комунистички лидер Јосип Броз Тито-Јованка Броз.

Пред својата смрт митрополитот Амфилохије раскажа за тие средби.

Ја посетив Јованка Будисављевиќ Броз, која беше заборавена од сите, и тоа во неколку наврати, објаснуваше тој. Таа навистина беше во некој вид казамат. Ја посетив во такви околности, на нејзино барање. Последниот пат разговаравме долго време, отворено за сè. Таа ми раскажа како заминала во партизани, како и многу српски девојки од Лика, бегајќи од усташите. Таа ми рече дека корените на нејзиното семејство се Будисављевиќ и потекнуваат од Метохија. Дека нејзиното семејство имало седумнаесет свештеници во Лика. Многу ми е жал што бев на пат кога беше нејзиниот погреб, инаку ќе одев да ја испратам на оној свет.

Според раскажувањето на Амфилохије, Јованка, сепак, беше и остана достоинствена. Сите и се поклонуваа додека таа беше сопруга на еден од најмоќните луѓе во светот. А кога тоа веќе не беше, не само што ја заборавија, туку направија се за да ја понижат. На крајот, тие ја изолираа. И, во тој наш последен разговор, можам да кажам исповед, таа ме замоли да и отпеам опело, кога ќе се качи горе, меѓу нејзините. Да не биде, единствената, меѓу сите од родот Будисављевиќ која без опело си заминала од овој свет.

Митрополитот со посебно внимание раскажуваше како и кога се одржала панихидата.

Избравме да бидеме во попладневните часови, за да не ги вознемируваме посетителите во Куќата на цвеќето. На поменот беа нејзините најблиски роднини. Нејзините две сестри, долгогодишниот шеф за безбедност Раде Чечур и Милан Шарац, кои Јованка ги сакаше и ги почитуваше. Многумина беа зачудени. Зошто? Јованка беше крстена и не само затоа што беше крстена, туку и затоа што беше жртва, таа заслужи да има панихида за неа, беседеше тој.

Така мирисот на темјан се ширеше низ Куќата на цвеќето, веројатно за прв пат во историјата на ова место, каде 1980 година беше погребан Јосип Броз Тито, долгогодишниот сопруг придружник на Јованка, објаснуваше пред крајот на неговиот живот митрополитот Амфилохије.