Вељко Беливук (36), попознат како Веља Невоља, кој е обвинет за ужасни злосторства од незапаметени размери во Србија, најголемиот дел од затворските денови ги поминува во ќелија која ја дели со друг цимер.

Озлогласениот криминалец, кој има најмалку шест убиства во неговото досие во Србија се сомничи за брутални ликвидации на Александар Глигоријевиќ, Никола Митиќ, Лазар Вукичевиќ, Милан Љепоја и Здравко Радојевиќ, но и ликвидации во Црна Гора – Дамир Хоџиќ и неговиот зет Адис Спахиќ, нема никакви привилегии во затворот и мора да постапува во согласност со строгите правила што важат во притворското одделение на Специјалниот суд во Белград.

Водачот на криминалниот клан, кој го водел заедно со Марко Миљковиќ, наречен Маре Месар, обично ја напушта ќелијата само два часа во текот на денот, се разбира, освен ако не оди на рочишта или средби со адвокатот.

За време на прошетката на Беливук, на која оди заедно со цимерот од собата, обезбедувањето е максимално внимателно и зголемено во однос на моментите кога останатите затвореници имаат прошетка. Веља Невоља нема никаков контакт со други затвореници дури и за време на прошетките.

Вељко Беливук е под најстроги мерки во притвор, а ист третман имаат и другите членови на неговиот клан. Додека го чека почетокот на судењето, а особено кога е нервозен, Веља „се билда“ во затворската соба. Два пати месечно може да добие пакет од семејството, а два пати месечно членовите на семејството имаат право да го посетат. Од друга страна, адвокатот може да го посети кога сака, открива анонимниот изворот.

Право на двочасовна прошетка имаат и другите членови на бруталниот „клан“ на Беливук, кои се наоѓаат во притвор на Специјалниот суд за организиран криминал.

Беливук не се гледа со својот најблизок соработник Марко Миљковиќ бидејќи тие се обвинети за истите злосторства. Ниту еден член на групата на Беливук не смее да се сретне со „колегите“. Исто како Веља, Маре Месар обично ги поминува деновите во ќелија кревајќи тегови, истакнува изворот.

Во затворот има посебна притворска единица, која е резервирана само за најпознатите имиња од криминалното милје и за најопасните криминалци од Србија.