Идеата за јужнословенска федерација се роди во главата на “таткото на народите” Јосиф Висарионивич Сталин уште во 1943 година. По битката кај Сталинград веќе се гледаше крајот на втората светска војна и Сталин почна да прави планови како ќе изгледа светот и Балканот по војната.

Во тој момент Сталин смета дека Јосип Броз Тито, кој е на чело на партизанското движење, кое јуначки се бори против Хитлер, е личност со најголем авторитет на Балканот.

Велика Британија и САД исто така се однесуваат со голема доверба и почит кон Тито, признавајќи го како водач на југословенскиот отпор. Осебено Британците кои во текот на 1943/44 година со авиони им доставуваа многу оружје, храна и муниција на партизаните.

Во 1944 и 1945 година почнува да се разговара за македонското прашање во една јужнословенска федерација. Идеата на Сталин веќе ја имаше прифатено Тито и соработниците на Тито веќе работеа на реализацијата на таа идеа.

Јосиф Висарионивич Сталин

Но Тито имаше два главни услови тоа да се случи. Прво, Пиринска Македонија да се приклучи на Македонија и Југославија пред да се формира федерацијата. И второ, Бугарија да стане седма република во мултинационалната титова Југославија. Другите републики беа: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија.

Според првичната распределба на функциите, тогашниот бугарски комунистички лидер требаше да биде Претседател на таа федерација, а Тито да биде премиер на државата. Во рацете на Тито требаше да бидат и надворешните работи и армијата. Во ваквиот распоред Димитров требаше да биде во целосно подредена позиција во однос на Тито. Главниот град на таа држава требаше да биде Белград.

Бугарскиот историчар, Ангел Веков кој пред неколку години имаше пристап до тајните архиви го цитираше Димитров: Предлогот Бугарија да стане една од седумте републики на Југославија во суштина значеше апсорпција на Бугарија.

Тодор Живков и Јосип Броз Тито

Според Веков, во еден разговор меѓу Сталин и Димитров “таткото на сите народи” кажал дека освен Бугарија Тито сакал да земе и делови на Грција, Унгарија и Австрија.

По реакциите на Лондон и Вашингтон Сталин почна да се лади од ваквата идеа за јужнословенска федерација.

На 1 август 1947 година Димитров и Тито го потпишуваат т.н. Бледски договор за создавање на федерација на јужните словени. Според тој договор, пиринскиот крај влегува во македонскиот дел на таа федерација, а т.н. западни покраини ( дел од Србија ) влегуваат во состав на Бугарија.

За деталите на овој договор Тито и Димитров предходно не ја информираат Москва.

На 10 февруари 1948 година се случува историската средба во Москва. Во бугарската делегација се Георги Димитров, Васил Коларов и Трајчо Костов. Во југословенската делегација се Едвард Кардељ, Милован Ѓилас и Владимир Бакариќ. Во делегацијата не е Тито. Официјално поради болест а неофицијално поради страв дека КГБ може да ја реши уште во Москва неговата судбина.

Двете делегации се пречекани од Сталин, Молотов, Жданов, Маленков, Зорин и Михаил Суслов идниот идеолошки гуру на Брежњев, Андопов и Черњенко кога тие доаѓаат на чело на Комунистичката партија на СССР.

Георги Димитров и Јосип Броз Тито

На средбата Молотов има задача да ги нападне Југославија и Бугарија дека се договарале без да добијат зелено светло од Москва за сите детали. Димитров сфаќа дека ѓаволот ја однел шегата и му се извинува на Сталин пред двете делегации. И тука се случува клучниот пресврт.

На барање на Сталин се подготвени два документа. Протоколот меѓу Бугарија и СССР за заеднички консултации за сите меѓународни прашања. Бугарите го потпишаа тој протокол. Југословенската страна по налог на Тито не прифати да биде потпишан таков документ.

Четири месеци подоцна, по фебруарски состанок во Москва, Комунистичката партија на Југославија е исклучена од Бирото на комунистичките партии или Информбирото. Тоа се случува по барање на Сталин.

На 12и 13 јули 1948 година во Софија се одржува пленум на Централниот Комитет на Бугарската работничка партија. На пленумот бугарските комунисти носат одлука за прекинување на односите со КПЈ.

Тоа беше крај за решавање на прашањето на Македонците во Пиринска Македонија и нивно приклучување кон тогашна Народна Република Македонија.