Русија ги поседува најголемите резерви на гас на светот и интензивно ги продава во странство. Зависноста на економијата од продажбата на оваа суровина одамна стана бизнис-карактеристика на Русија. На диптихот на современиот уметник Василиј Ложкин претставени се Мајка Нафта и Татко Гас во човечки облик. Но, зошто дошло до тоа? Ќе се обидеме да одговориме на овие и други прашања за рускиот гас.

Колку гас има Русија?

Повеќе од која било друга земја. Според податоците на рускиот Централен регистар, главен орган кој ја контролира работата на владата, Русија го зазема првото место на светот според резервите на гас, шесто по резервите на нафта, а исто така е и меѓу водечките земји кога станува збор за резерви на никел, платински метали, злато, железна руда и многу други руди.

Бруто вредноста на испитаните и проценети резерви на руда во Русија според цените на светскиот пазар се движат околу 28 милијарди американски долари. Три четвртини од оваа сума отпаѓаат на нафта, гас и јаглен. Притоа испитаните резерви на природен гас во Русија се доволни за над 50 година.

„Русија поседува најголемо количество докажани резерви природен гас што сочинува 20% од светските резерви“, вели доцентот на катедрата за економска теорија на Рускиот економски универзитет „Плеханов“ Олег Чередниченко.

Резервите на гас со кои располага Русија се проценуваат на 38 трилиони кубни метри, Потоа следуваат Иран со 32 трилиони кубни метри и Катар со 24.7 трилиони кубни метри.

Колку природен гас продава Русија?

Рускиот гасен гигант „Гаспром“ во 2019 година во странство испорача вкупно 236.9 милијарди кубни метри гас. Ова е еден од најголемите показатели во историјата на компанијата.

Меѓу другото, во земјите надвор од некогашниот СССР извезени се 199.2 милијарди кубни метри. Тоа е 98.7% од нивото на рекордната 2018 година и за 2.5% повеќе одошто во 2017 година. Обемот на испорака во низа земји во Европа достигна максимална вредност. Меѓу другото, во Франција, Австрија, Унгарија и во Холандија.

Во 2020 година поради пандемијата од коронавирусот обемот на испораката очекувано падна. Според процените на „Гаспром“, обемот на извоз на гас во земјите надвор од поранешниот СССР во 2020 година ќе биде 165-170 милијарди кубни метри.

Како Русија стана извозник на гас?

Големите резерви и ниската цена на производството се двата главни фактори поради кои во текот на многу години Русија беше најголем извозник на природен гас на светот.

„Дури и со оглед на должината на транспортната маршрута до земјите од ЕУ, конечната цена на гасот на границата е пониска одошто кај поголемиот број конкуренти“, вели постариот научен соработник на Центарот за истражување на пазарот при Институтот за применети економски истражувања на Руската академија за народно стопанство и државна администрација Дмитриј Гордиев. Според него, постоењето извозни цевководи со голем капацитет овозможува испорака на потребното количество природен гас без нарушување на ограничувањето на протокот.

Може ли Русија да го задржи овој статус?

Таа во секој случај интензивно работи на тоа. На пример, во последно време Русија работи на развој на течен природен гас. Тоа ќе ѝ овозможи во извозот на природен гас да ги вклучи независните производители на кои законско им е забрането да извезуваат гас преку гасоводите, а исто така на тој начин се намалува политичкиот ризик по пат на диверзификација на извозните рути.

Највпечатлив пример се испораките на гас во Кина. Во 2014 година беше потпишан 30-годишен договор за испорака на гас помеѓу „Гаспром“ и Кинеската национална корпорација за нафта и гас. Врз основа на овој договор обемот на испорака на „Гаспром“ во Кина од 2020 година ќе биде:

5 милијарди кубни метри во 2020 година,

10 милијарди кубни метри во 2021 година,

15 милијарди кубни метри во 2022 година.