Испораката на вакцини против коронавирусот ширум светот ќе биде најголемиот транспортен предизвик во историјата, тврдат претставниците на авионската индустрија.

Според познавачите на тој бизнис, за да бидат доставени вакцините во сите земји, ќе бидат потребни 8.000 авиони од типот Боинг 747, објави Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА).

Иако вакцината сè уште не е произведена, со исклучок на Русија, ИАТА веќе прави план за транспорт заедно со авиокомпаниите, аеродромите и националните здравствени организации.

Планот за дистрибуција предвидува една доза од вакцината за една личност, пренесува Би-Би-Си.

Иако транспортот на стоки е новиот фокус во делувањето на уништената авионска индустрија, доставата на вакцини е многу посложена задача.

Авионите првенствено мора да бидат во согласност со стандардите како што е можноста за одржување на температура помеѓу 2 и 8 степени, а за некои вакцини се потребни температури под нулата.