Натпреварот од италијанската Серија А помеѓу Наполи и Џенова, закажан за в недела од 15 часот, нема да се игра без публика, туку на стадионот „Сан Паоло“ ќе има 1.000 гледачи. Иако ова е мала бројка, сепак, амбиентот ќе биде подобар отколку ако немаше никој, а и за македонскиот репрезентативен капитен Горан Пандев ќе биде важно што ќе се прости од публиката која го обожуваше додека тој го носеше дресот на Наполи во периодот од 2011 до 2014 година.

Ако не се сретнат во Купот, ова е веројатно последно гостување на Пандев во Неапол, и сигурно ќе добие аплаузи како благодарност за тоа што го направи за Наполи. Пандев за Наполи одигра 92 меча и постигна 19 голови.

Играч на Наполи е Елиф Елмас, па овој дуел в недела ќе биде и своевидно македонско дерби.

Освен на дуелот Наполи – Џенова, присуство на илјада гледачи ќе има и на 30-ти септември кога Беневенто ќе го пречека Интер. Беневенто и Неапол се градови кои се наоѓаат во областа Кампања, и регионалната Влада на Кампања дозволи да има публика на спортски мечеви, но во многу ограничен број и ќе мора да се почитуваат бројните протоколи и правила.