Конгресот на САД, во петокот, на досега невиден начин го понижи Доналд Трамп, со  огромно мнозинство заобиколувајќи го неговото вето за буџетот за одбрана.

Сенатот со 81 глас ЗА и само 13 гласови ПРОТИВ, на вонредната седница на 1 јануари, го усвои буџет од 740 милијарди американски долари и покрај „приговорите од претседателот“.

Со оглед на тоа што Претставничкиот дом го стори истото во понеделникот, текстот дефинитивно беше усвоен.

Мнозинството републикански пратеници гласаа како демократите, со што се спротивставија на нивниот шеф на крајот од неговиот мандат, иако тој отсекогаш бил горд на нивната поддршка.

За време на неговиот четиригодишен престој во Белата куќа, Доналд Трамп девет пати стави вето на законите донесени во двата дома. Досега, Конгресот никогаш не успеа да го постигне двотретинско мнозинство потребно за да го собори ветото на претседателот.

Ова се случи во време кога се повеќе избрани пратеници од неговата партија го признаваат неговиот пораз на претседателските избори на 3 ноември, што тој самиот сè уште одбива да го признае.

Републиканскиот сенатор Мич Меконел ги повика своите колеги да гласаат за буџетот за одбрана за 2021 година.

„Ова е истовремено гаранција дека ќе останеме во трка со нашите главни конкуренти како Русија и Кина“, рече Меконел во петокот, отворајќи ја дебатата.

„Ова е исто така можност да ги потсетиме американските војници и нивните семејства дека ја имаат нашата поддршка“, додаде влијателниот републикански сенатор.

Документот е резултат на долги преговори и конкретно предвидува зголемување на платите на вработените во одбраната за 3 проценти.