Лидерот на движењето Самоопределување и веројатен иден премиер на Косово, Албин Курти, денес изјави дека обединувањето нa Косово со Албанија не го дозволува уставот на Косово.

За време на неговата посета на Леш, во Албанија, тој рече дека ова е желба на сите Албанци, но дека за такво нешто ќе биде потребно време, пренесува приштинскиот Лајм.

За жал, уставот на Косово е контрадикторен. Во едниот член пишува дека Косово е независна држава, а во другиот се вели дека е забрането обединување со друга држава. Во исто време, тоа претставува пречка за евроинтеграциите, рече Курти.

Тој исто така рече дека нема сомнеж дека Албанија и Косово мора да бидат координирани кон приближување, интеграција и унија, пред се во клучните области – безбедноста, енергетиката и природните ресурси и надворешната политика.

Најголемиот израелски весник Хаарец објави дека одлуката за отворање на косовската амбасада во Ерусалим ја преиспитува претседателот на Самоопределување, Албин Курти, по притисокот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесуваат Репортери.

Курти во понеделникот се состана со турскиот амбасадор во Приштина, а одлуката за отворање косовска амбасада во Ерусалим беше една од темите на разговор. Местото на кое ќе биде сместена амбасадата ќе биде преиспитано по разгледувањето на документите на владата во заминување, го цитираат израелските медиуми Курти по средбата со турскиот претседател.

Турскиот претседател Ердоган го предупреди Косово дека ваквиот потег може да ги наруши односите со неговата земја во иднина.

Верувам дека би било корисно да се избегне таков потег, што ќе му нанесе голема штета на Косово, рече Ердоган.