Пратениците во бугарското национално собрание го поддржаа предлогот на партијата ВМРО БНД за промена на името на празникот кој што се слави на 24 мај, па така отсега во името на празникот ќе бидат имињата на Кирил и Методиј, пренесува агенцијата „Фокус“.

Првично, празникот беше наречен „Ден на бугарското образование, култура и словенска писменост“ и широко се слави низ целата земја на 24 мај. Од оваа година ќе се вика „Ден на Светите браќа Кирил и Методиј.

Делото на Кирил и Методиј продолжи со помош на кирилицата и токму пишувањето на бугарската азбука, кирилица, ја прави нашата писменост и култура уникатна. Не разбирам зошто би биле должни да продолжиме да ја поддржуваме тезата на Коминтерната, тезата на Москва дека е оваа писменост на сите Словени, рече во октомври авторот на нацрт-законот, Александар Сиди. 

Предлогот на политичарите порано наидуваше на позитивни и негативни реакции. Некои научници од Бугарската академија на науките изјавија дека предлогот е поштен, бидејќи, како што наведоа, кирилицата е навистина бугарска азбука. Некои, сепак, го фокусираа внимание на фактот дека таквата промена на името на празникот ја намалува меѓународната улога на Кирил и Методиј во ширењето на христијанството и словенската азбука во другите земји.

Предлогот за промена на името на празникот дојде од партијата ВМРО БНД во текот на летото. Партијата наведе дека кирилицата е дел од бугарската историја и тоа мора да се одрази на името на празникот.

Кирилицата е втора словенска азбука која ја создадоа учениците на Кирил и Методиј, а првата е глаголицата, која е создадена од самите браќа во втората половина на 9 век. Во Бугарија инсистираат на тоа дека словенскиот дијалект, кој го користеле браќата, бил всушност бугарскиот.