Не сакаме бугарските ТВ да помагаат во спроведување на лажни тези, спротивни на научно докажаните и на бугарската позиција, бараат пратеници на ВМРО-БНД од Советот за електронски медиуми.

Пратеници од парламентарната група на коалицијата „Обединети патриоти”, поточно од партијата ВМРО-БНД (Внатрешна Македонска Револуционерна Организација – Бугарско национално движење) на Красимир Каракачанов, со писмо се обратиле до бугарскиот Совет за електронски медиуми (СЕМ) со барање да престане „преведувањето“ на интервјуа со политичари и граѓани на Република Северна Македонија.

Во писмото напишале дека се обраќаат до СЕМ во својство на народни пратеници од парламентарната група на „Обединети патриоти“, бидејќи до нив стигнале бројни сигнали од граѓани кои ја изразиле огорченоста што во вестите и програмите на поголем дел од бугарските телевизии продолжуваат да се испишуваат титлови на бугарски јазик, при емитување на интервјуа со политичари и граѓани на Република Северна Македонија.

„Потсетуваме дека бугарската наука недвосмислено го определила т.н. ‘македонски’ јазик како регионална норма на бугарскиот јазик. Такво е мислењето и на Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките. Освен тоа, официјалната политичка позиција на Република Бугарија за време на целото самостојно постоење на државата Република Македонија / сега Република Северна Македонија, потврдена со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, е за непризнавање на т.н. ‘македонски’ јазик. Во документите одобрени во овој период има јасна формулација, под која се потпишале неколку премиери на Република Македонија / Република Северна Македонија“, се вели во писмото на пратениците од ВМРО-БНД до СЕМ.