Бугарија се движи кон вето. Во овој момент тоа е процес на кој никој не може да му застане на патот. Ниту Македонија може да го исполни тоа што Бугарија го бара, нуту Бугарија може да отстапи од тоа што го бара, а нуту пак посредништвото на Германија и канцеларката Ангела Меркел може да помогне да биде надминат јазот меѓу двете држави.

Се остварија сите анализи кои беа правени во рамки на емисијата Во Центар. Прво, дека договорот со Бугарија ќе биде многу потежок за Македонија и ќе биде со многу повеќе емоции и валкана кампања од двете страни на границата. И второ, дека после сите приказни за Гоце Делчев, историското ВМРО, Климент и Наум, Кирил и Методиј, дека целата работа ќе се сведе на двете најболни прашања за Бугарите. Тие прашања во првите фази на преговорите Бугарите ги криеја како змијата нозете, но сега тоа излегува на површина.

Тие две прашања се прашањето за името на македонската држава. И второто прашање е прашањето за македонското малцинство.

Јавна тајна е дека Бугарија притискаше за име Нова Македонија. Со порака-ние сме стари Бугари кои се одродиле и станале од 1944 година ново-Македонци и следствено на тоа државата ќе ни се вика Нова Македонија.

Поранешниот амбасадор на Бугарија во Република Македонија, Александар Јорданов тоа пред години го кажа во интервју за емисијата Во Центар. Јорданов беше и Претседател на бугарското Собрание а сега е европратеник од редовите на ГЕРБ.

Резервна варијанта беше името Горна Македонија што во 2001 година во преговорите со Грција го промовираше Љубчо Георгиевски тогаш премиер на македонската влада.

Што е суштината? Ако има Горна има и Долна Македонија. Нема трета варијанта. Нема лево ио десно има само горе и доле. Тоа беше прифатливо за Бугарија бидејќи нивната Пиринска Македонија не е ни горе ни долу од Република Македонија.

Бугарија по секоја цена сакаше да биде избегнато името Вардарска Македонија, бидејќи тогаш постои Пиринска и Егејска Македонија. И второто име кое Бугарија не го сакаше по никоја цена е Северна Македонија. Ако постои Северна, тогаш постои и Јужна но постои и Источна Македонија, а тоа е пиринскиот дел на Македонија.

Затоа во германската рамка или нон пејперот на Меркел за откочување на преговорите има формулација дека името Северна Македонија важи само на територијата на денешна Македонија.

Тоа покажува дека Бугарите се плашат дека еден ден Северна Македонија ќе сака да се обедини не само со Јужна туку и со Источна Македонија.

И тука е клучниот проблем за Бугарија. Прво постоење на држава Македонија и потоа процес на обединување на сите Македонци во една држава. Тоа го отвара прашањето на македонското малцинство во Бугарија.

Тие две прашања Бугарите вешто ги криеја но тие сега испливуваат на површина. Тоа е јасно дефинирано во бугарската национална стратегија со работен наслов Братска прегратка. Таа стратегија е усвоена од Политбирото на Бугарската комунистичка партија и реализацијата на таа стратегија им е дадена на реализација на бугарските тајни служби.

Според таа стратегија сите овие бугарски јастреби како Красимир Каракачанов, Алексасндар Јорданов и другите со помош на бугарските служби доаѓаат на клучни функции во државата.

Бугарија има проблем со три малцинства-македонско, турско и ромско. Плус е составена од сто и повеќе мали етнички групи. Ако сега попушти за македонското прашање Бугарија ќе се соочи со внатрешна екплозија па дури и растурање на самата бугарска држава. Тоа го знае и Каракачанов и Борисов и Захариева. Затоа суштината на преговорите и на ветото не е дали Македонија ќе стане членка на ЕУ туку дали да постои македонска држава.