Следната недела САД ќе испратат два воени брода на Црното Море, соопшти денеска Турција, додека Русија изразува загриженост за зголемената поморска активност од земјите надвор од регионот.

Пред 15 дена преку дипломатски канали бевме информирани дека два американски воени брода ќе преминат во Црното Море во согласност со Конвенцијата од Монтре. Бродовите ќе останат во Црното Море до 4-ти мај, соопшти турското Министерство за надворешни работи.

Американските бродови ќе бидат во Црното Море од 14 и 15 април, пренесуваат медиумите.

Повикувајќи се на очевидец кој го следи движењето на бродовите низ Босфор, Ројтерс објави дека САД и НАТО го зголемија своето присуство на Црното Море на почетокот на оваа година, кога администрацијата на претседателот Џо Бајден ја презеде власта.

Западните земји изразуваат загриженост за наводите на Киев дека Русија го зголемува военото присуство на границата со Украина.