Тимот на Светската здравствена организација (СЗО) задолжен за истражување на потеклото на пандемијата со ковид-19 во Кина се упати кон таа земја, но не ги доби потребните одобренија, изјави во вторникот шефот на агенцијата на ООН, Тедрос Аданом Гебрејизус , додавајќи дека е „многу разочаран“.

Денес дознавме дека кинеските власти не ги подготвиле потребните одобренија за тимот да дојде во Кина, изјави за новинарите Тедрос Аданом Гебрејизус.

Многу сум разочаран затоа што двајца од членови веќе тргнаа, а другите не беа во можност да патуваат во последен момент, додаде тој во многу редок остар тон кон Пекинг.

Контактирав високи кинески официјални лица и повторно појаснив дека оваа мисија е приоритет на СЗО и меѓународната заедница, додаде тој, додавајќи дека со нетрпение го очекува почетокот на мисијата што е можно побрзо.

Шефот на СЗО за итна медицина Мајкл Рајан објасни дека станува збор за визи.

Се надеваме дека ова е само логистички и бирократски проблем што можеме брзо да го решиме, рече тој, објаснувајќи дека едниот од двајцата експерти мораше да се врати, а другиот чекаше во трета земја.

Пред нешто повеќе од една година беа откриени првите случаи на коронавирус во областа Вухан, а десет еминентни научници избрани од СЗО треба да заминат во Кина да се обидат да го пронајдат потеклото на вирусот, односно да утврдат како тој почна да се шири на луѓето.

Сепак, таа посета е исклучително чувствителна за кинеските власти и тие се обидуваат да избегнат каква било одговорност за епидемијата што однесе повеќе од 1,8 милиони животи ширум светот.