Сподели

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, денес ги повика фановите на новиот шампион во Премиер лигата да не ја расипат добро сработената работа во спречувањето на ширење на коронавирусот со големи собири и прослави.

Тридецениското чекање на Ливерпул за титулата англиски шампион заврши минатиот четврток кога Манчестер сити загуби од Челси, а илјадници навивачи веднаш се собраа околу „Енфилд“ за да прослават.

Клубот, полицијата во Мерсисајд и Градскиот совет издадоа заедничка изјава во која се осудува „целосно неприфатливо“ однесување откако навивачите се собраа еден ден подоцна, во петок, што предизвика стравувања од зголемување на бројот на заразени со коронавирус.

Ве молам, славете, но на безбеден начин, приватно, без да ризикувате да продолжи ширењето на оваа ужасна болест во нашата заедница. Кога ќе дојде време, ќе славиме сите заедно, им порача Клоп со писмо до фановите.

Ако работите беа поинакви, ќе славевме сите заедно – тоа е нешто што најмногу го сакам, да направиме парада, што би била поголема од онаа по освојувањето на Лигата на шампионите… но тоа едноставно не е можно. Ние направивме толку многу во борбата против коронавирусот и сега тоа залагање не смее да пропадне, додаде Клоп.

Ливерпул ќе гостува кај Манчестер сити во четврток.


Сподели