Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, ја искористи можноста да се искапи во Црното Море во текот на неговата посета на Русија, а за време на паузата во разговорите со рускиот претседател Владимир Путин.

Претседателот на Белорусија ја прифати поканата на неговиот руски колега да се искапат во Црното Море. Температурата на водата е плус 16, се наведува во објавата на Телеграм.

Лукашенко во петокот пристигна во краснодарската област за да разговара со Путин, а нивната средба траеше повеќе од пет часа.

Двајцата претседатели во саботата заминаа со брод на Црното море.

Путин и Лукашенко, меѓу другото, разговараа и за ситуацијата што се појави по присилното слетување во Минск на авион на Рајанер кој леташе од Атина кон Вилнус, кога беше уапсен новинарот дисидент, Роман Проташевич.

Инаку, Путин, води активен живот и во јануари годинава беше снимен како се нурка во ледената вода во московскиот регион по повод Водици.