Твитер „трајно суспендираше“ 70.000 налози поврзани со про-Трамп движењето QAnon за да спречи социјалната мрежа да се користи за насилни цели, како што беше организирањето немири во Вашингтон минатата недела.

Платформата спроведе „чистка“ во петокот, почнувајќи со блокада на налогот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Овие налози во голема мера ја споделија опасната содржина поврзана со движењето QAnon. Тие беа главно посветени на ширење теории на заговор, се вели во соопштението на Твитер објавено синоќа.

Многу корисници имаа повеќе налози, така што бројот на суспензии е голем.

Минатата недела социјалните мрежи Твитер и Фејсбук го суспендираа налогот на претседателот Трамп во заминување поради неговите коментари во врска со упадот во американскиот Конгрес.

Во толпата што упадна во зградата на американскиот Капитол во Вашингтон во средата, исто така, беа вклучени и голем број приврзаници на движењето QAnon. Неколку истакнати активисти беа забележани во зградата, додека голем број демонстранти носеа транспаренти со ознаката „Q“.

Приврзаниците на QAnon главно пропагираат ултра-десна идеологија и се занимаваат со создавање на разни теории на заговор врз кои се темели целата работа на ова движење. Претседателот Доналд Трамп – за нив беше испратен херојот, месија испратен од бога, да го собори злото отелотворено во демократите и нивниот естаблишмент.

Во суштина, QAnon е фактички целосно неоснована теорија која вели дека претседателот Трамп води тајна војна против елитните педофили и секташи кои го обожаваат сатаната и се на високи позиции во владата, светот на бизнисот и медиумите.

Следбениците на QAnon претпоставуваат дека оваа борба ќе доведе до денот на последната пресметка, таканаречено „големо будење“, кога угледни луѓе како поранешната претседателска кандидатка Хилари Клинтон ќе бидат изведени пред лицето на правдата и погубени.

На големото будење ќе му претходи „Бура“, односно акција во која ќе бидат уапсени сите непријатели на ова движење, по што ќе се појави рај на земјата исчистена од злото.

Постои светска мрежа на кабалистички педофили кои се поклонуваат на сатаната и ги контролираат сите сфери на општеството. Тие контролираат политичари и медиуми, разни големи индустрии, Холивуд. Оваа мрежа е супер-тајна, кабалисти-педофили-моќни луѓе успешно го кријат своето постоење, што им овозможува непречено да управуваат со светот, од сенка. И сето тоа ќе останеше скриено ако Доналд Трамп, човек кој знае сè за злобните дела на ужасните кабалисти, не беше избран за претседател на Америка во 2016 година. Една од причините што тој беше избран беше токму да им застане на патот. Јавноста била потполно несвесна за оваа битка, која се води „зад сцената“ предводена од Доналд Трамп и американската војска.

Тоа е суштината на таа теорија.

Поддржувачи на QAnon може да се најдат и на Балканот. Најголемата ваква заедница на овие простори беше „Куанон Балкан“,   која за време на исклучувањето имаше 8700 членови. Описот на страница, која сега може да се пристапи од архивите на Google, се наведува дека Kуanon Балкан се бори за ширење на идеите на “Кју” и да се борат против новиот светски поредок и сатанистите, отелотворени во т.н. “длабока држава” . (Фразата „длабока држава“ се користи за означување на професионалци во владините структури, кои остануваат во државниот апарат без оглед на политичките промени.)

Администраторите, наводно, се наоѓаат во повеќе градови во Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина и Македонија, а во постот објавен на 8 септември минатата година, наведените се проблемите „со кои се соочуваат граѓаните“ : кражба на бебиња од породилиштата, конфискации на деца од родители, задолжителна вакцинација, ГМО храна, 5G мрежа и мини хидроцентрали (МХП).