Во вечерашната емисија Во Центар ќе има политичка анализа на предвремените парламентарни избори.

Иако победија на изборите, СДСМ не го постигна очекуваниот изборен резултат, бидејќи според анкетите, а и според партиските проценки, социјалдемократите очекуваа победа поголема од 50 илјади гласови разлика.

Искуствата од Србија и Хрватска, каде владеачките партии убедливо победија на изборите и сега можат да формираат стабилно парламентарно мнозинство, покажува дека тие очекувања на СДСМ биле оправдани и сега ќе слади процес на внатрепартиски проценки каде се потфрлило. Најмногу замерки има за Мухамед Зекири, бидејќи на овие избори СДСМ доби многу помалку албански гласови, и за Оливер Спасовски кој не успеа да победи во втората изборна единица.

Дури некои структури во СДСМ размислуваат дека ако во идните преговори со ДУИ тие го побараат местото министер за внатрешни работи, Заев ќе може на лесен начин да се ослободи од Оливер Сапасовски кој не покажа многу и како технички премиер.

Во ВМРО ДПМНЕ е состојбата многу потешка. Тие се уште не можат да се соземат од тешкиот изборен пораз бидејќи самите очигледно очекуваа голема победа на изборите. Во само три дена ВМРО ДПМНЕ три пати го менува партискиот наратив, од голема победа која во средата ја најави секретарот Игор Јанушев, потоа победа ако од гласовите на СДСМ се извадат гласовите на БЕСА како што вчера изјави Претседателот Мицкоски, до денешниот став дека имало фалсификат на изборите.

Притисокот врз Мицкоски ќе биде се поголем да ја напушти лидерската функција во партијата, иако со своето однесување тој покажува дека е решен и покрај неколкуте последователни порази да се бори до крај да остане на чело на партијата.

Иако по бројките и освоените мандати ДУИ може да се смета за еден од главните победници на овие избори, сепак партијата има многу поголем проблем од тоа како на прв поглед изгледаат работите. Бројките се на страна на ДУИ, но на страна на ДУИ не се процесите. ДУИ ги промашува процесите и тоа ја прави многу чуствителна позицијата на Али Ахмети. Полека но сигурно Ахмети станува “товар” на политичката сцена и тешко може да го оправда се поголемото иселување на Албанците од државата.

Резултатите во шестата и втората изборна единица, каде во најголем дел живеат Албанците, покажуваат дека ако сега со затворени граници биде направен попис тогаш процентот на Албанци во државата ќе биде многу под 20 отсто.

Во секој случај државата ја чека многу тешка есен и зима како на здравствен, така и на финансиски план, но и на планот на можни регионални разврски.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *